Податоците на пензионерите и осигурениците не биле и не се компромитирани, соопштија од Фондот на пензиското и инвалидското осигурување по повод објавениот ревизорски извештај. Од институцијата уверуваат дека активно се вложува во сајбер-безбедноста и опремата.

Од Фондот нагласуваат дека голем дел од забележаните слабости биле надминати уште додека траел процесот на ревизија, додека значаен дел од препораките се веќе целосно применети или нивната реализација е во напредна фаза. Во својата реакција, од ПИОМ констатираните состојби ги поврзуваат со начинот на управување со институцијата во периодот пред септември 2024 година, оценувајќи дека долгогодишното отсуство на стратегија за сајбер-безбедност создавало сериозни ризици.

Во текот на 2025 и 2026 година се реализирани повеќе чекори за осовременување на информатичката опрема и јакнење на заштитата. Вградени се системи за детекција и одговор на закани кај крајните уреди, познати како EDR, како и MDR услуги за раководење со безбедносни закани. Воспоставен е систем за централизирано набљудување и детална анализа на безбедносните инциденти, а финализирана е сегментацијата на мрежата заедно со строги контроли за пристап.

Во текот на 2025 година на посебна локација, целосно надвор од седиштето на институцијата, воспоставена е Disaster Recovery инфраструктура наменета за брзо враќање на системите во функција при вонредни настани. Редовно се спроведуваат и сите протоколи за зачувување резервни копии и заштита на базите.

Како одговор на препораките на ревизорите, извршено е модернизирање на серверските системи и оперативните платформи. До средината на 2026 година целосно се заменети повеќе од 100 работни станици кои работеа на застарени технологии, со што се овозможи користење сертифицирани и тековно ажурирани оперативни системи.

Паралелно се ревидирани интерните правила и протоколи за безбедност, а ИТ-секторот во 2026 година доби стручно засилување со нов кадар, при што се реализираат редовни обуки за тимовите. Институцијата ја истакнува и соработката со Светска банка преку изработената функционална анализа врз чија основа се води севкупната модернизација.

Немало и нема компромитирање на Вашите податоци. Податоците на граѓаните се сигурни, а Фондот презема сè за гарантирање на нивната доверливост, интегритет и достапност.

Од ПИОМ заклучуваат дека наодите и препораките од ревизијата служат како јасна насока за отстранување на слабостите и обезбедување постабилни услуги за сите граѓани.