Поранешниот и актуелен претседател на САД, Доналд Трамп, ја започна својата втора функција со најдобри анкетни резултати во кариерата. Сепак, приближувајќи се кон 100-от ден од мандатот, поддршката за Трамп значително опаѓа, покажува новото истражување на CNN.
Според анкетата, Трамп има стапка на одобрување од 41%, што е најниска за новоизбран претседател по времето на Двајт Ајзенхауер. Од март, неговата поддршка опаднала за 4 процентни поени, а од крајот на февруари за 7 поени. Само 22% од испитаниците силно го одобруваат неговото работење, додека 45% силно не го одобруваат.
Пад на поддршката за Трамп
Особено забележлив е падот кај жените и Латиноамериканците – по 7 поени во секоја група. Поддршката за Трамп кај жените е 36%, а кај Латиноамериканците 28%.
Политичките ставови остануваат длабоко поларизирани: 86% од републиканците го поддржуваат Трамп, додека 93% од демократите не го одобруваат. Кај независните гласачи, поддршката паднала на 31%, најниско ниво од почетокот на првиот мандат.
Истражувањето открива дека Трамп губи доверба кај јавноста речиси во сите клучни области. Одобрувањето на неговото водење на економијата паднало за 5 поени на 39%, додека довербата во справување со инфлацијата опаднала за 9 поени на 35%.
Само 52% од Американците веруваат во неговата способност за економско управување, што е пад од 13 поени во споредба со декември. Одобрувањето за назначување на владин кадар опаднало на 42%, а довербата во изборот на квалитетни кадри изнесува 46%.
Во надворешната политика, потезите на Трамп се соочуваат со силно неодобрување: 39% одобруваат, а 60% не го поддржуваат неговиот пристап, особено поради ставовите за Русија и странската помош.
И во областа на имиграцијата забележан е пад: 45% одобруваат, што е 6 поени помалку од март. Довербата во неговата способност за справување со имиграцијата паднала на 53%.
Трамп добива благо позитивна оценка само во прашањата за родовиот идентитет и правата на транс лицата, каде 51% од анкетираните го одобруваат неговиот пристап.
Од друга страна, обидите за влијание врз културата и уметноста се непопуларни: 64% од Американците сметаат дека е непримерно Трамп да се меша во управувањето со културните институции како Кенеди центарот и музеите на Смитсонијан.
Американците со поделени мислења
И потпретседателот Џеј Ди Ванс има иста стапка на одобрување како Трамп – 41%, со тоа што само 34% од Американците имаат позитивно мислење за него.
Вкупната доверба на Американците во лидерството на Трамп опаднала. Само 46% веруваат дека ќе ја користи претседателската моќ одговорно, а 50% имаат доверба во неговото способност да ја води земјата.
Повеќе од половина од Американците (52%) веруваат дека неговиот втор мандат ќе има долгорочно влијание врз земјата. Само 36% мислат дека промените ќе исчезнат по неговото заминување од функцијата.
Американците остануваат поделени околу тоа дали Трамп ги исполнува своите ветувања: 48% сметаат дека добро ги исполнува, а 51% – не.
Анкетата на CNN била спроведена меѓу 1.678 возрасни лица во периодот од 17 до 24 април. Статистичката маргина на грешка е плус/минус 2,9 процентни поени.