Регионалното Здружение за заштита и унапредување на животната средина „Еко-живот” од Кавадарци поднесе иницијатива за спас на Тиквешко Езеро до кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев и Советот на општината.
Во неа меѓу другото, се предупредува на лошата хидролошка состојба на езерото, која трае веќе подолг период. Се нагласува дека последните врнежи од дожд и снег не помогнале многу за да се подобри таа состојба.
– За да се спречи еколошката катастрофа, потребни се одлучни чекори за борба против климатските промени и коишто ќе го земат предвид негативното влијание врз хидропотенцијалот, истакна денеска за МИА претседателот на здружението, Роберто Паризов.
Притоа, се бара од локалната самоуправа да ги преземе сите институционални мерки за борба против ваквата состојба со езерото, крај кое има околу две илјади викендички.