Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, одржа работен состанок со раководителите на организациските единици во БЈБ, СВР Скопје, СВР Куманово и СВР Тетово. На средбата беа детално разгледани досегашните сознанија, преземените активности и сите планирани безбедносни мерки во пресрет и за време на одбележувањето на Денот на албанското знаме.

Надлежните организациски единици на полицијата веќе имаат изготвено соодветни оперативни планови. Тие преземаат конкретни мерки со цел празничното одбележување на повеќе локации низ државата да помине во целосно мирна, безбедна и достоинствена атмосфера за сите граѓани.

„Полицијата е во служба на сите граѓани и наша обврска е да обезбедиме сигурност, да ги заштитиме нивните права и имотот и да го одржуваме јавниот ред и мир. Ќе постапуваме професионално, одговорно и непристрасно, со нулта толеранција кон секое незаконско и насилно однесување“, истакна Јанев.

Од Министерството за внатрешни работи упатија и јавен апел до сите граѓани празникот да го одбележат достоинствено, со меѓусебна почит и строго почитување на законите, со што директно ќе придонесат за зачувување на безбедната атмосфера во заедницата.