Рокот за поднесување приговори истекува денеска во 16:30 часот

До Државната изборна комисија (ДИК) до денеска претпладне се поднесени 16 приговори за постапката за сумирање и утврдување на резултатите од вториот круг од локалните избори одржан на 2 ноември. Рокот за поднесување приговори завршува денеска во 16:30 часот, 48 часа по објавувањето на првичните резултати.

Хаким Рамадани, поддржан од Влен, поднел приговори за избирачките места 2032, 2033, 2034 и 2035 во Брвеница. Во оваа општина, во вториот круг победи Јовица Илиевски поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата со 4.374 гласа, додека Рамадани освои 4.224 гласа.

Коалицијата „Твоја Македонија“ поднела десет приговори за избирачките места 2955, 2956, 2956/1, 2959, 2959/1, 2961, 2961/1, 2971, 2971/1 и 2973 во Шуто Оризари. И Сојузот на Ромите поднел приговори за гласачките места 2961, 2962 и 2966 во истата општина. Во Шуто Оризари во вториот круг победи Курто Дудуш од Унијата на Ромите со 3.894 гласа, а Ерџан Демир поддржан од коалиција со ВМРО-ДПМНЕ освои 3.406 гласа.

Коалицијата „Искуство за успех“, која го поддржуваше Стевчо Јакимовски, поднела приговори за сумирањето на гласовите на избирачките места 2613 и 2631 во Карпош. Таму победи кандидатот поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Сотир Лукровски, со 13.512 гласа, додека Јакимовски освои 12.378 гласа.

Од ДИК информираат дека седницата за разгледување на приговорите најверојатно ќе се одржи утре.