Напредокот на терен е очигледен, а зелениот пресврт веќе дава конкретни резултати за заштитата на животната средина и подобрувањето на квалитетот на воздухот во главниот град, истакна министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, за време на денешниот увид во работата на новата когенеративна постројка на „Теса Енерџи“. Овој значаен проект, кој претставува приватна инвестиција вредна 2,5 милиони евра, влегува во својата нова фаза на реализација, обезбедувајќи значително посовремена, поефикасна и еколошка испорака на топлинска и електрична енергија.

Инвестицијата на приватниот сектор во современи и чисти технологии директно го поддржува организираниот институционален одговор против аерозагадувањето. Со преодот кон поефикасни енергетски системи се намалуваат загубите на енергија и емисиите на штетни гасови, што претставува клучен чекор кон обезбедување повисоки еколошки стандарди.

Во моментов над 500 семејства од општините Чаир и Бутел веќе се приклучуваат на новиот систем за централно греење. Покрај домаќинствата, во мрежата ќе се интегрираат и значајни јавни и здравствени установи од овој реон, меѓу кои се ЈЗУ Специјализирана болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ – Чаир и основното училиште „Хасан Приштина“, со што директно се зајакнува локалната енергетска стабилност.

За граѓаните и за институциите исклучително значаен е и директниот економски ефект бидејќи топлината што ја испорачува оваа постројка е за 20 отсто поевтина во споредба со алтернативните системи за централно греење. Поради тоа беше упатен апел до сите останати граѓани, домаќинства и стопански субјекти од овој дел на градот да ја искористат можноста за приклучување на новата мрежа, со што ќе придонесат за заштеда во сопствениот буџет и за заедничката борба за квалитетен воздух.