Легендата на Арсенал и францускиот фудбал, Тјери Анри, не го криеше своето воодушевување од играта на две од најголемите млади фудбалски ѕвезди – Ламин Јамал од Барселона и Мајкл Олисе од Баерн Минхен.

Во подкастот „Kampo“, поранешниот француски напаѓач отворено зборуваше за несекојдневните квалитети на двајцата офанзивци, издвојувајќи ја нивната исклучителна техника, креативност на теренот и пред сè, големата љубов кон фудбалската игра.

Тој смета дека двајцата млади фудбалери поседуваат квалитети кои навистина ретко се гледаат во современиот фудбал. Она што особено го воодушевува е нивната непресушна глад за нови успеси, без оглед на веќе постигнатото на спортски план.

„Овие момци прават работи што одамна не сме ги виделе во фудбалот! Секогаш можете да видите колку се среќни, но никогаш не се задоволни. Причината е едноставна – ако постигнат четири гола, ќе сакаат пет, а ако освојат еден трофеј, ќе сакаат три“, истакна Анри.

Ваквите директни пофалби од светска легенда како Анри претставуваат уште едно огромно признание за двајцата млади офанзивци, кои со своите извонредни настапи се наметнаа меѓу најинтересните фудбалери на европската сцена.