Симон Трпчески синоќа одржа концерт во Античкиот театар во Охрид, каде пред публиката зборуваше за својата посебна поврзаност со градот, за своите спомени од детството и за автопатот Охрид-Кичево, кој е во фаза на изградба. Македонскиот пијанист со светска слава порача дека Охрид за него отсекогаш бил многу повеќе од место за одмор и дека секое враќање во градот му буди силни чувства.
„Сите си го сакаме бисерот на Македонија, Охрид. Сега полесно се стигнува, а уште полесно ќе се стигнува. Убаво е што се освестуваме полека. Да си помогнеме себеси, да ни е убаво за подобро утре“, рече Трпчески, зборувајќи за својата поврзаност со градот и за автопатот Охрид-Кичево.
„Овде го имав првиот солистички концерт, во 1993-1994 година. А првпат сум на Антички театар по 2010. Секоја година како помлад ја поминував во Охрид и буквално секојпат кога ќе доаѓам нешто ми се буричка внатре, што е нормално. Многумина од нас како деца немавме можност да излеземе надвор од Македонија“, рече Трпчески.
На концертот беа изведени четири мазурки од Фредерик Шопен, Сонатата бр. 3 од норвешкиот композитор Едвард Григ и „Дивертименто“ од современиот француски композитор Гијом Конесон. Трпчески не остана само зад пијаното, туку меѓу делата ја водеше публиката низ композициите со приказни, спомени и лични асоцијации.
Во вториот дел следуваше дел од проектот „Македонисимо“, со кој македонската народна музика добива современ израз преку аранжманите на композиторот Панде Шахов.
„Овој сплет раскажува многу за најразлични животни приказни, вклучително и мојата лична. Затоа мајка ми може романи да пишува и да ми раскажува еден куп приказни“, рече Трпчески.

Во еден дел од концертот тој ги запеа „Врана коња јавам јас“ и „Не си го продавај, Кољо, чифликот“, заедно со публиката. Во првиот ред беа неговата мајка Нетка, сопругата Даниела, синовите Стефан и Андреј и ќерката Лара, а додека свиреше, Трпчески често погледнуваше кон нив со насмевка.
На концертот со своите семејства дошле и дел од неговите колеги. Трпчески раскажа дека Влатко Нушев пристигнал со целото семејство од Делчево, Александар Краповски со семејството од Барселона, а Александар Сомов од Бугарија, кој е дел од ансамблот „Македонисимо“, бил особено воодушевен од Охридското Езеро.
„Тројца од нас сме тука со фамилиите. Влатко Нушев е тука со цела фамилија, дојдоа луѓето од Делчево. Моите дојдоа, господин Александар Краповски дојде со фамилијата од Барселона и Александар Сомов од Бугарија“, рече тој.
Претставувајќи го виолинистот Александар Краповски, Трпчески го нарече најголемиот шармер во ансамблот, кој работи во Операта во Барселона. Во „Македонисимо“ Хидан Мамудов свири кларинет, саксофон и кавал, а Влатко Нушев е на удиралки.
Трпчески се присети и на својот покоен татко Ѓорѓија, кој потекнувал од струшкото село Збажди. Таму во 2022 година тој го одржал првиот концерт со ансамблот во негова чест.

„Следната година, ‘Македонисимо’ слави 10 години. Досега бевме во повеќе од 20 светски земји“, рече Трпчески, а потоа на англиски јазик ги поздрави странските туристи што дошле на концертот.
„Добредојдовте во нашиот бисер и ви благодариме што нè поддржувате“, кажа Трпчески. Потоа ги поздрави роднините од страната на татко му, читајќи ги семејствата по презиме, како и сите свои пријатели од Охрид.
„Понекогаш е тешко да се најдат зборови за ваквите чувства. Тие што биле на мој концерт или што имале можност да комуницираат колку-толку со мене знаат дека јас сум си искрен и си го кажувам она што го мислам“, рече тој.
Дел од концертната програма беше поврзан и со албумот „Пријателство“, кој, како што кажа Трпчески, бил снимен во тешките услови за време на пандемијата.
На бис, Трпчески отсвире неколку песни посветени на Охрид, а гостуваше охридскиот гитарист Дејан Милески. Концертот, кој го организираше продукцијата „Прагма“, заврши со охридската народна песна „Деспина“, на која запеа и публиката.
Трпчески вечерва продолжува со концерт во Хераклеја во Битола.
