Кризната состојба во КПД „Идризово“ ќе трае 30 дена до 5 јули и таа е воведена согласно процедурите, како резултат на потребата од соодветен човечки потенцијал задолжен за чување и обезбедување на затворот, изјави денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска.

– Во овој случај полицијата и мал број на припадници на Армијата, кои се во поддршка на припадниците на МВР, се ангажирани со цел да можат да се справат со состојбата, односно да не се дозволи евентуално ескалирање или нарушување на безбедноста на државата. Како институции, како министри, сите ние имаме обврска работите да ги превенираме односно да ги искористиме сите механизми кои ни стојат на располагање да не дојде до влошување на одреден состојби, изјави Петровска во Штип по презентацијата на новите лесни оклопни возила од опремата на Армијата во Касарната „Јане Сандански“.

Таа нагласи дека при прогласувањето на кризната состојба се запазени сите процедури, согласно предлог на Групата за проценка за потребата од прогласување кризна состојба во затворот.

Со Одлуката се утврдува „постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република Македонија и тоа на подрачјето на Општината Гази Баба на кое Казнено-поправната установа „Идризово“ ја врши својата надлежност, заради спречување на безбедносните закани и зајакнување на обезбедувањето на установата“.

Сега Петровска тврди дека од директорот на Управата за извршување на санкции е информирана дека е започната постапката за вработување на кадри во затворската чуварска служба.

– Не правиме нешто што е надвор од нашите овластувања и мислам дека нема потреба од никаква паника, уште помалку од користење на оваа состојба за разни видови на политика, истакна Петровска, додавајќи дека согласно извештаите што ги добиваат ангажманот на армиските припадници вродува со плод.

На ангажирањето на Армијата, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ кои обвинија дека е направен преседан и прашаа чија ќе биде одговорноста „ако дојде до судир меѓу затворениците и војниците“.