Министерството за внатрешни работи продолжува да повикува на информативен разговор лица од чии профили вчера се повикуваше да не се пие водата во Скопје поради присуство на бактерија, што вчера попладне беше демантирано од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, ЈП „Водовод и канализација“ и од Министерството за здравство.
„Секторот за компјутерски криминал при МВР презема соодветни мерки и активности, се утврдуваат профилите на лицата и тие се повикуваат на информативен разговор. По завршување на истражните дејствија соодветно ќе ја информираме јавноста“ велат од МВР.
Лажните информации за наводно присуство на опасната бактерија ешерихија коли во скопскиот водовод се раширија преку социјалните мрежи и за кратко време предизвикаа страв и паника кај граѓаните. Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски на прес-конференција потенцираше дека водата во Скопје е безбедна за пиење и нема ешерихија коли или други бактерии.
– Не постои ништо такво и јас одговорно тврдам ние имаме една од петте најдобри води и извори во Европа. И одговорно тврдам и стојам позади тоа. Јас не сум монструм кој ќе дозволи макар еден живот на моите сограѓани да биде загрозен – рече Ѓорѓиевски.
Тој нагласи дека станува збор за ширење злонамерни дезинформации и создавање хистерија.
– Уште од вчера имав информации дека од одредени центри се спрема момент во кој што ќе се шири паника во Градот Скопје дека наводно е присутна одредена бактерија во водата. Тоа започна пред некој ден со одредени приказни на терен дека постоело опасност поради депонија која е на 30 километри од изворот Рашче, да се контаминира водата и да се загрози изворот. Денеска се чисти депонијата од страна на „Водовод и канализација“ и останатите служби, но никој не спомна дека таа депонија е таму 30 години наназад. И откако вчера при мое обраќање преку социјалните мрежи го разбив тој меур од сапуница кој сакаа да го создадат поединци, а доаѓаат од одредени центри на опозицијата, се појави ова со наводни бактерии во водата – рече градоначалникот.
ЈП „Водовод и канализација“ попладнето објави документ дека во скопската вода нема ешерихија коли и најостро ги демантираше шпекулациите. Преторијатието нагласи дека се направени дополнителни анализи и дека водата во Скопје е безбедна и исправна за пиење и употреба.
Според Кривичниот законик креатори на лажни вести поврзани со болести и оние кои свесно ги пласираат во јавноста можат да сноса кривична одговорност.
Согласно членот 205, став 5 од КЗ „тој што ќе ја загрози сигурноста на друг со лажна закана за пренесување или со ширење на невистинити тврдења за постоење на неизлечлива заразна болест ќе се казни со парична казна или затвор до шест месеци“.
