Полицијата ќе ги контролира возачите на електрични тротинети и со радари, со цел да се спроведат новите правила за учество во сообраќајот. Од МВР информираат дека контролите ќе се вршат и редовно и преку акциски контроли, со непосредно забележување од полициски службеници и со употреба на технички средства.
Нови правила за тротинетџиите
Со измените на Законот за безбедност на сообраќајот, максималната дозволена брзина за електричните тротинети се намалува на 20 километри на час, наместо досегашните 25. На малолетници целосно им се забранува управување со електричен тротинет, а забрането е и возење на две лица на еден тротинет.
Од МВР посочуваат дека ако при контрола се утврди дека прекршокот го сторило дете, ќе се постапува согласно законските одредби и Законот за правда за деца. Целта, според надлежните, е да се подобри безбедноста во сообраќајот и да се спречат ризични ситуации на улиците.
Казни и одземање на тротинет
Новите измени предвидуваат построга казнена политика за прекршителите. Паричните казни можат да достигнат до 275 евра, во зависност од видот на прекршокот, а во одредени случаи се предвидува и одземање на електричниот тротинет.
Одземање на возилото е предвидено ако со тротинет управува малолетник, ако се пречекори дозволената брзина или ако на тротинетот се превезуваат две лица. Иста мерка е предвидена и за возење под дејство на алкохол.
Со новите правила, електричните тротинети повеќе нема да бидат „сива зона“ во сообраќајот. Возачите ќе мора да ги почитуваат ограничувањата, а полицијата најавува дека контролите ќе бидат засилени.
