Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски упати сериозни обвинувања кон израелската армија, тврдејќи дека нејзини војници признаваат воени злосторства и дека убиле сопствени заложници, што предизвика остра реакција од неговиот израелски колега Гидеон Саар.
Полемиката се разгоре на социјалните мрежи, откако резервист на Израелските одбранбени сили објави фотографија на која уништува статуа на Исус во Либан.
Сикорски го осуди инцидентот и напиша дека е добро што Саар се извинил, но дека војникот мора да биде казнет и дека треба да се извлечат поуки од начинот на обука.
Потоа тој изнесе и потешки тврдења.
„Војниците на ИДФ самите признаваат дека извршиле воени злосторства. Тие убиле не само палестински цивили, туку и свои заложници“, напиша Сикорски.
Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар остро ги отфрли овие наводи, оценувајќи ги како „сериозни, неосновани и клеветнички“.
„Она што го напишавте открива длабоко незнаење и недостаток на разбирање. Во секоја војна има инциденти на пријателски оган“, одговори Саар.

Тој ја бранеше израелската армија, истакнувајќи дека ИДФ се бори попрецизно од другите западни армии и вложува напори да ја минимизира штетата врз цивилите.
„ИДФ е професионална и етичка армија, а западните армии учат од неа“, додаде Саар.
Во одговорот, Саар се осврна и на инцидент во полскиот парламент, каде пратеник од крајната десница покажа израелско знаме со нацистичка свастика наместо Давидовата ѕвезда.
„Наместо да држите лекции за моралот, осудете го антисемитскиот чин во вашиот парламент“, му порача Саар на Сикорски.
