Полицијата соопшти детали од тешката несреќа на градскиот кеј на Вардар, спроти Паркот на Франкофонијата, во која 68-годишен скопјанец загина во судар со мотоцикл на пешачка патека. Според сведоштвата, мажот излегол од својот дом да фрли ѓубре кога бил прегазен пред прозорецот од станот.
Несреќата се случила вчера околу 19:30 часот, кога мотоцикл марка „кавасаки“ со скопски регистарски ознаки удрил во пешакот Ј.Н. (68) од Скопје. Возачот по инцидентот го напуштил местото на настанот, а на мотоциклот имало и сопатник кој исто така бил повреден.
– Пешакот се здоби со тешки телесни повреди и беше пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде за жал почина. Сопатникот на мотоциклот, Х.И. (26), се здоби со телесни повреди и е хоспитализиран во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“. Во моментот полицијата извршува увид и презема мерки за пронаоѓање на возачот кој избегал од местото на несреќата – велат од СВР Скопје за Плусинфо.
Роднини на починатиот велат дека тој излегол да фрли ѓубре, а трагичниот удар се случил буквално пред неговиот дом. Во близина на местото на настанот имало повеќе од 30 деца кои играле, што ја зголемило драмата на настанот.
Граѓаните кои биле сведоци на настанот изјавуваат дека мотоциклистите побегнале трчајќи, а според некои информации на социјалните мрежи, тие наводно бегаат од полиција.
– Апелираме до сите кои имаат информации за инцидентот да се јават во најблиската полициска станица или да контактираат со СВР Скопје. Работиме интензивно на расчистување на случајот и привлекување на виновниците пред лицето на правдата – додадоа од полицијата.
Извор: Плусинфо