Маричиќ посочува дека има силна политичка волја и расположение кај граѓаните наесен да се одржи пописот и уверува дека државата има модерен закон и методологија кои гарантираат дека пребројувањето на населението ќе биде според сите највисоки статистички стандарди.

– Сметаме дека ова е процес што треба да го направиме оваа година, бидејќи е неопходен за државата за да се креираат добри политики за нашите граѓани. Планираме да започнеме на 5 септември и да завршиме на 30 септември. И убеден сум дека тоа ќе се случи. Убеден сум бидејќи постои силна политичка волја и од Владата и од сите политички партии, но и меѓу граѓаните постои високо разбирање дека ова е нешто потребно и нешто што треба да го направиме, вели Маричиќ.

Додава дека не гледа причина пописот повеќе да се одложува.

– Мислам дека можеме да ги одржиме изборите веднаш по овој попис. Значи целта на Владата е да се стави крај на овој попис и да се започне кампања за локалните избори. Мислам дека тоа е најразумното нешто што можеме да го направиме за државата, вели Маричиќ во интервјуто.