Форум за слобода со учество на над 45 млади лидери од 25 земји

Во Скопје денес започна „Форумот за слобода“, настан организиран од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ и младината на Меѓународната Демократска Унија. Претседателот на УМС, Сергеј Попов, истакна дека Скопје како домаќин на ваков голем меѓународен настан претставува значајна можност за размена на искуства и градење контакти меѓу младите политички лидери.

„Денес на мое огромно задоволство можам да објавам дека сме домаќини почнувајќи од денес и во наредните два дена на најголемата Светска младинска организација, тоа е Интернационалната младинска демократска унија која што ги обединува сите центар-десни политички подмладоци од светот. Од денес во наредните два дена овде во Скопје имаме над 45 млади лидери кои доаѓаат од повеќе од 25 земји. Денес имам огромно задоволство официјално да го отворам овој настан заедно со потпретседателот на Владата и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во наредните два-три дена ние како Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ ќе имаме прилика да се вмрежиме со овие над 45 млади лидери од 25 земји“, рече Попов.

Размена на искуства и изградба на идни политички лидери

Попов нагласи дека форумот ќе им овозможи на младите лидери да споделат знаења, да научат од меѓународни примери и да изградат контакти кои ќе ги поддржуваат нивните идни политички активности.

„Ова претставува огромна прилика за нас како Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, како да разменуваме искуства коишто ќе можеме да ги примениме овде во Република Македонија, но и да градиме контакти за во иднината, бидејќи секој од овие млади лидери еден ден ќе ги наследи своите сениорски структури во земјата од која доаѓа. Исто така, како Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ овде во Македонија, овие настани се од особено значење за нас како млади политичари. Во наредните неколку дена ќе можете да посведочите квалитетни говорници и дискусии“, рече Попов.