Руските власти денеска издадоа потерница по Дмитриј Глуховски, популарен писател на научна фантастика, под обвинение за ширење лажни информации за воена интервенција во Украина.
Во објава на платформата Телеграм, Глуховски напиша дека е обвинет затоа што наводно ги дискредитирал руските вооружени сили на Инстаграм.
-Подготвен сум да повторам се што напишав, а тоа е: Стоп за војната! Признајте дека ова е војна против целиот народ и прекинете ја, напиша Глуховски.
На веб-страницата на руското Министерство за внатрешни работи беше објавено дека Глуховски, најпознат по серијата научно-фантастични романи „Метро 2033“, се бара по неопределен член од кривичниот закон.
Руските власти претходно ги таргетираа опозициските личности и новинарите според законот кој предвидува затворски казни до 15 години за „намерно ширење лажни“ вести „за руската војска“.
Глуховски е првата важна личност од светот на културата по која е распишана потерница поради кршење на законот донесен неколку дена откако Русија изврши инвазија врз Украина на 24 февруари.