Кувајт започна преговори со Саудиска Арабија и други арапски држави за изградба на нов нафтовод кој ќе овозможи извоз на нафта без користење на Ормуска Теснина. Во меѓувреме, извозот на кувајтска нафта е целосно запрен поради фактичкото затворање на стратешкиот мореуз од страна на Иран, изјави кувајтскиот министер за нафта Тарик ал Руми во интервју за јапонската новинска агенција Кјодо.

Ал Руми посочи дека, според проценките, ќе биде потребна најмалку една година за обнова на нафтените постројки оштетени во нападите, меѓу кои се и дел од резервоарите за складирање нафта.

Пред американско-израелскиот напад врз Иран на 28 февруари, Кувајт беше еден од главните снабдувачи на Јапонија со сурова нафта. Поради својата географска положба, земјата е целосно зависна од Ормуска Теснина за извоз на својата нафта.

„Додека мореузот останува блокиран, извозот на нафта е нула“, изјави ал Руми.

Според него, една од опциите што се разгледуваат предвидува поврзување на Кувајт преку Саудиска Арабија со Црвеното Море или со Оман. Како втора можност се разгледува изградба на врска со пристаништето Фуџаира на источниот брег на Обединетите Арапски Емирати, кое се наоѓа надвор од Ормуска Теснина и веќе служи како алтернативен излез за снабдување со нафта.

„Моментално бараме најдобра и најисплатлива опција“, наведе ал Руми, додавајќи дека изградбата на ваков нафтовод би претставувала исклучително голем и сложен проект.

Кувајтскиот министер ги осуди иранските напади врз Кувајт и други држави од Персискиот Залив, нагласувајќи дека неговата земја не започнала напади против Иран. Тој најави и дополнително зајакнување на капацитетите за воздушна одбрана.