Европската фудбалска унија (УЕФА) се закани дека ќе покрене судска постапка против Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) и нејзиниот претседател Џани Инфантино, во врска со повлечениот план за продажба на удели во натпреварувањата под покровителство на ФИФА на приватни инвеститори.
Би-Би-Си Спорт пишува дека покрај силната реакција од Нион, Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) исто така се подготвува да ја повлече својата поддршка за Инфантино со официјално писмо, додека Фудбалската асоцијација на Велс во понеделникот стана првата национална фудбалска асоцијација, која јавно одби да го поддржи лидерот на ФИФА за нов претседателски мандат.
Кризата избувна по планот на ФИФА и Џани Инфантино за формирање комерцијална подружница наречена „FIFA Forward Enterprise“ (FFE), која би го презела управувањето со големите натпреварувања, вклучувајќи го и Светското првенство. Планот беше да им се овозможи на надворешните, приватни инвеститори да купуваат малцински акции во новата структура.
Се верува дека групата инвеститори требало да ја води американската компанија „Thrive Eternal“, чиј основач е Џошуа Кушнер, брат на Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.
Како што првпат објави лондонски „Телеграф“, УЕФА во писмо до Инфантино јасно стави до знаење дека „активно разгледува правни дејствија, арбитража и/или регулаторни жалби во врска со планот за FFE предложен од ФИФА“.
УЕФА отиде чекор понатаму, барајќи од ФИФА веднаш да ги зачува сите архиви и електронски комуникации:
„Ве молиме да преземете итни чекори за идентификување и зачувување на сите документи и електронски складирани информации, вклучувајќи е-пошта, текстуални пораки, разговори од апликациите WhatsApp, Signal, Teams и Slack, како и белешки од состаноци“, се вели во предупредувањето на УЕФА, напоменувајќи дека ова важи за сите службени лица, вработени, спонзори и финансиски институции вклучени во проектот.
Војната на релација Нион-Цирих дополнително беше разгорена од информацијата дека Инфантино им понудил на сите 211 членки на ФИФА по 40 милиони долари (околу 35 милиони евра) доколку го поддржат неговиот предлог, со рок до 19 септември да се изјаснат за да им биде исплатена првата транша од 20 милиони долари.
УЕФА бара целосната правна и финансиска документација поврзана со оваа понуда да биде зачувана и за евентуални судски постапки.
Би-Би-Спорт вели дека контактирала со ФИФА за коментар, но Меѓународната фудбалска федерација засега не коментирала ништо официјално.
