Европската комисија објави упатства за безбедно користење на пречистените урбани отпадни води за наводнување на земјоделско земјиште, поради екстремните суши со кои се соочува голем дел од Европа ова лето.

-Со неколку земји-членки сè повеќе погодени од суши, повторната употреба на водата од пречистителни станици за урбани отпадни води може да стане клучна алатка за обезбедување дополнителен безбеден и предвидлив извор на вода, истовремено зголемувајќи ја способноста на ЕУ да се прилагоди на климатските промени, соопшти Европската комисија.

Европскиот комесар за животна средина, океани и рибарство Вирџинијус Синкевичиус рече дека ресурсите на свежата вода се оскудни и се повеќе загрозени и дека насоките на Комисијата можат да придонесат за безбедна циркулација на прехранбени производи кои се одгледуваат со искористена вода низ ЕУ.

-Во време на невидено високи температури, мора да престанеме да трошиме вода и да го користиме овој ресурс поефикасно со цел да се прилагодиме на климатските промени и да обезбедиме сигурност и одржливост на нашето земјоделско снабдување, рече Синкевичиус.

Екстремните суши предизвикани од климатските промени ги зголемуваат стравувањата дека ќе ги загрозат приносите на земјоделските култури, ќе ги попречат условите за производство и ќе ги зголемат цените на храната.

Рекордни суши беа забележани во Франција и делови од Англија во јули.