Албанското специјално обвинителство за организиран криминал и корупција, СПАК, информираше дека државната полиција го уапсила поранешниот пратеник на Социјалистичката партија, Алќи Блако, врз основа на судска наредба, јави дописничката на МИА од Тирана.
По веста дека судот вчера попладне по 15 часот издал налог за негово апсење, полицијата не го нашла во неговиот дом во Тирана, по што беше објавено дека побегнал од земјата. Сепак, според СПАК, тој на полицијата и се предал утрово во 3:30 часот. Веднаш му е одредена мерка притвор.
Блако е осомничен за корупција, перење пари и злоупотреба на службената положба во врска со горилниците за отпад во Фиер. Делото го направил кога бил на функцијата државен секретар во Министерството за животна средина, во соработка со Лефтер Кока, тогашен министер во истото министерство, кој веќе е во притвор.
До пред два дена тој беше дел од пратеничката група на владејачките социјалисти. Кога СПАК од Парламентот побара да му се одземе пратеничкиот мандат, тој самиот се откажа од мандатот, со цел „невиноста да ја докаже како обичен граѓанин“.
Во случајот се притворени уште неколку лица кои во соработка со него фалсификувале документи за добивање земјиште за изградба на горилница за отпад и учество на тендери, и противправно се стекнале со голема материјална корист. Моментно им е одземен имот во вредност од над два милиона евра.