Левичарската партија Смер-социјалдемократија на Фицо и полицијата потврдија дека поранешниот премиер е уапсен синоќа, пред почетокот на протестот во главниот град на Словачка.

Полицијата соопшти дека до денеска нема да дава повеќе детали за настанот.

Словачката влада кон крајот на ноември воведе строги мерки, меѓу кои и забраната за јавни собири на повеќе од шест лица, вклучувајќи и протести, за да се справи со рекордниот раст на инфекции со коронавирус.

Фицо, популистички лидер, јавно го критикуваше одговорот на владата на пандемијата на коронавирусот и се спротивстави на вакцинацијата.

Пандемијата стана голем предизвик за сегашната коалициска влада, која ја презеде власта откако Фицо загуби на изборите на почетокот од минатата година.

Претходно годинава словачкиот Уставен суд одлучи да не се организира национален референдум за распишување предвремени парламентарни избори.

Претседателката Зузана Чапутова побара од Уставниот суд да се произнесе по ова прашање откако повеќе од 585.000 словачки граѓани потпишаа петиција за одржување предвремени избори, предложена од опозицијата во врска со одговорот на владата на пандемијата.

Словачка е една од најтешко погодените земји во Европската унија. Државата од 5,5 милиони жители регистрирала повеќе од 794.000 инфекции со 15.730 смртни случаи.