Портокалов метеоаларм ќе биде во сила утре, 6 септември, на територијата на целата држава, соопшти попладнево Управата за хидрометеоролошки работи. Се очекува сончево и топло време, а засилениот северозападен ветер на одредени места ќе достигнува брзина до 60 километри на час.
Во текот на денот ќе има мала до умерена локална облачност. Засилен ветер од северозападен правец ќе дува во повеќе делови од земјата, особено долж Повардарието.
Минималните температури ќе се движат во интервал од 12 до 21 степен, додека максималните дневни температури ќе достигнат од 30 до 37 степени.
Во Скопје времето ќе биде сончево и топло, со мала до умерена облачност. Ќе дува засилен ветер од северен правец, а температурата ќе се движи од минимални 16 до максимални 33 степени.
До крајот на новата работна седмица ќе се задржи сончево и топло време, со мала локална облачност во текот на денот. Утре ќе дува засилен северозападен ветер, особено долж Повардарието, каде што наместа ќе достигнува брзина до 60 километри на час. Од вторник ветерот ќе го промени правецот и ќе дува од југоисток.
