Во пресрет на активностите за креирање на новиот Буџет за 2024 година, Општина Кисела Вода ги повикува своите жители да учествуваат со идеи и предлог-проекти кои би можеле да им го унапредат квалитетот на живеењето. Од денес, во архивата на општината, сместена во барака 6, се достапни анкетни ливчиња на кои заинтересираните граѓани можат да ги напишат своите потреби и предлози од сите сфери на функционирање на локалната самоуправа, со цел новиот Буџет да биде целосно по мерка на граѓаните. До Општината веќе пристигнаа десетици идеи од граѓаните кои вакви анкетни ливчиња пополнија на штандот на влезот на Домот на културата “Билјана Беличанец”, кој за таа намена беше поставен на денот кога градоначалникот Орце Ѓорѓиевски го презентираше отчетот за својата двегодишна работа. Предлозите може да пристигнат и на електронската адреса tvojaideja@kiselavoda.gov.mk.
-Продолжуваме да се движиме по траекторијата која ја започнавме пред две години, на целосно транспарентно и отчетно раководење со општината. Работејќи во постојана комуникација со нашите жители досега реализиравме бројни проекти кои им беа приоритетни, на кои чекале и по 30 години и за кои никој претходно немал слух. Сега, кога сме во подготовки на новиот Буџет за 2024 година, повторно ги користиме сите механизми за да им дадеме глас на нашите жители и да им овозможиме и тие рамноправно да учествуваат во неговото креирање. Уште минатата недела, за време на отчетот, отворивме штанд за идеи, од каде веќе имаме десетици анкетни ливчиња со предлози од нашите жители. Од денес вакви прашалници се достапни во архивата на општината, а граѓаните своите идеи можат да ни ги достават и електронски на електронската адреса tvojaideja@kiselavoda.gov.mk. Заедно ќе ги дефинираме приоритетите, заедно ќе ги испишеме новите страници на Општина Кисела Вода, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.