Мицкоски: Ќе се воздржам од коментар за случајот „Пулс“, нека одлучат обвинителството и судот
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека нема да дава коментари за постапката што ја водат обвинителството и судот во врска со пожарот во кочанското кабаре „Пулс“, каде што животот го загубија 62 лица, а над 200 беа повредени.
„Јас се воздржувам да коментирам во изминатиот период и ќе ја продолжам таа пракса да не коментирам. Оставам обвинителско-судските органи да си ја завршат процедурата. Колку што знам, покренатото обвинение е во рамките на оценка од страна на судовите, така што не би сакал дополнително да коментирам“, рече Мицкоски.
Изјавата премиерот ја даде денеска во Кочани, каде што присуствуваше на отворањето на новата хала на компанијата „Амфенол“. Прашањето за досегашниот тек на постапката беше едно од првите што новинарите му го упатија за време на оваа посета.
Истиот ден, дел од медиумите објавија дека премиерот ги посетил и градските гробишта во Кочани, каде што запалил свеќи на гробовите на загинатите во трагедијата од 16 март годинава.