Управата за извршување на санкции, по синоќешниот случај во кој осуденик пукал во затворски полицаец и побегнал додека го го носеле во болница, најави дека ќе направи вонреден надзор во КПУ Идризово и за сите утврдени неправилности ќе преземе соодветни мерки со цел да се утврди зошто не била обезбедена полициска асистенција за спровод до болница. Ќе се утврдува дали постои одговорност за организацијата на спроведувањето на осуденикот, како и за пропустите кои довеле до ваква разврска на целиот настан. Издадена е и наредба за распишување на централна потерница.

УИС во соопштение наведе дека синоќа околу 23,20 часот при спровод на осуденото лице Б.М (36) од КПУ Идризово во Ургентниот центар „Мајка Тереза“ поради повреда на десната рака, на автопатот кон Скопје кај бензиската пимпа на Лукоил, службено возило било пресретнато од возило марка „ауди” со сива боја без регистерски таблички кое им го блокирало патот.

– Осуденото лице во тој момент му го одзел службениот пиштол од футрола на затворскиот полицаец И.Х кој го возел комбето, пукал во него и го повредил во долниот дел на стомакот.Поради повредата, возачот го запрел возилото, а осуденото лице се дало во бегство со патничкото возило „ауди”. Вработените во затворската полиција го пријавиле случајот во СВР Скопје, појаснуваат од УИС.

Повредениот затворски полицаец е префрлен во болница на натамошно лекување, а со учесниците на настанот извршени се разговори од страна на надлежните на МВР.

Осуденото лице Б.М од Тетово бил осуден на вкупна казна од 21 година затвор, од кои 19 за убиство и две за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Казната ја издржува од 28.12.2020 година, а истекува на 17.04.2040 година.