Договорот предвидува воведување на приоритетни автобуски коридори со хибридни автобуси за побрз и пофреквентен јавен превоз. Новиот систем на БРТ предвидува намалување на емисијата на јаглероден моноксид од над 95 отсто, на ПМ честичките за приближно 90 отсто и нитроген оксид и јаглероден диоксид за најмалку една четвртина.
– Горди сме што Скопје е првиот град на Западен Балкан кој го воведува БРТ. За граѓаните на Скопје ова е остварување на сонот после 40 години. Добиваме подобар транспортен систем согласно нашите потреби. Добиваме брз, безбеден и одржлив јавен транспорт, кој ќе биде атрактивен, и ќе овозможи намалување на сообраќајниот метеж и аерозагадувањето, истакна Шилегов на денешната прес-конференција.
Анди Аранитаси, претставникот на ЕБОР, договорот го опиша како голем чекор во унапредување на транспортните услуги на Скопје и дека со овој превоз ќе се намали користењето на приватните автомобили.
– Справување со загадувањето во Скопје е приоритет и ја поздравуваме посветеноста на властите за одлучна и брза акција, каде ЕБОР стои подготвен за целосна поддршка, што се покажува и со денешното потпишување на овој проект, рече Аранатиси.