Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова порача дека се неопходни правни и политички гаранции од Европската Унија за продолжување на евроинтегративниот процес на државата, оценувајќи дека надворешно наметнатите уставни измени создаваат нови етнички поделби и отстапуваат од темелните принципи на европското право.
Во гостување на Македонската радио-телевизија, Сиљановска-Давкова истакна дека Европската Унија мора да ги почитува сопствените конститутивни акти кои го гарантираат националниот и културниот идентитет на државите и народите, нагласувајќи дека прашањата поврзани со малцинствата не се дел од европското право ниту од Копенхашките критериуми.
– ЕУ нема заедничка малцинска политика. Во ЕУ има држави коишто не ја потпишале, две, Франција и Грција, ниту Рамковната конвенција за малцинствата, ниту пак Конвенцијата за регионални и малцински јазици. Ако не е тоа дел од европското право, а не е од АКИ-то, тогаш нема врска ни со Копенхашките критериуми, и тука е неверојатно да поставувате услови од ваков тип. Договорот за ЕУ, Лисабонскиот договор, Повелбата за фундаментални права, тие се изворите на европското уставно право и праксата на Судот во Луксембург. Тоа е запишано, не напишав јас, туку тие запишаа дека ЕУ ќе го почитува националниот и културниот идентитет на секоја нација и држава, оти е единство на различноста – рече Сиљановска-Давкова.
Во однос на преговарачката рамка и односите со Бугарија, претседателката оцени дека постои можност за обезбедување политички и правни гаранции од Брисел. Таа нагласи дека политиката на Бугарија кон македонското прашање е континуирана и одамна утврдена и оцени дека нашата држава во минатото влегувала неподготвена во преговорите и прифаќала обврски без доволна анализа на последиците.
Сиљановска-Давкова посочи дека уште во публикации и документи од 2018 година биле наведени бугарските позиции поврзани со македонските прашања, вклучително и барањата за експлицитно набројување во преамбулата.
– Затоа ние викаме некакви гаранции. Не е точно дека нема. Може да има политичка гаранција од самиот Европски совет, ако сакаме. Може да има правна гаранција од правната служба на Европскиот совет, она што го бара денес господинот Вајц, ако сакаме. И трето, можеме самите ние да направиме закон, да донесеме нешто, ама она со црвените линии не оди. Затоа јас велам, мора и Европската Унија – истакна Сиљановска-Давкова.
Таа направи паралела со Преспанскиот договор, посочувајќи дека и покрај експлицитното признавање на македонскиот идентитет и јазик, државата подоцна повторно се соочила со оспорувања.
– Дали знаете што правеле досега уставните измени кога се наметнати од надвор? Поделби нови меѓу етничките заедници – рече претседателката.
Осврнувајќи се на внатрешните реформи, Сиљановска-Давкова оцени дека Уставниот суд е „најнереформираната институција“ во државата и побара поширока експертска дебата за системски уставни измени, наместо, како што рече, постојано фокусирање само на Преамбулата.
– Може со договор дека ќе престанеме да се занимаваме само со себе, ќе престанеме да се занимаваме само со Преамбула, бидејќи непознат феномен во компаративното уставно право е да менувате Преамбула. Во демократијата треба да сте стандардни, а не да сте „суи генерис“ – рече таа.
Претседателката категорично ја отфрли можноста за воведување Бадентерово мнозинство при одлучувањето во Уставниот суд, оценувајќи дека судството не смее да функционира врз етнички принцип.
– Значи, во суд да примените етничко мнозинство, само лаик може да предложи. Знаете ли што значи да зборувате вие за македонски поглед на уставноста и законитоста, дали е нешто согласно Уставот, и албански поглед на уставноста и законитоста. Значи, двојни мнозинства… Бадентеровото мнозинство е за политиката. Никогаш во судството не може да има друго мнозинство, освен она од вкупниот број на судиите – изјави Сиљановска-Давкова.
Во врска со уставната одредба за службена употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните, претседателката нагласи дека таа не се однесува исклучиво на албанскиот јазик.
– Во тие 20 проценти, јас одговорно тврдам, во духот на Рамковниот, не влегува само албанскиот јазик. Влегуваат и 20 проценти на другите јазици, но на локално ниво. Не се однесува само на албанскиот јазик. Се однесува и на турскиот, се однесува и на ромскиот некаде, се однесува и на српскиот во некоја општина – истакна Сиљановска-Давкова.
Прашана дали процентуалната формулација може да биде заменета со конкретно именување на јазиците во Уставот, таа рече дека е отворена за дебата. – Сè може во една расправа, во една дебата, зошто да не – заклучи претседателката. (МИА)
