Скопјанката Ава Текин која моментно живее во Турција, за „Нова Македонија“ го раскажа своетo трауматично искуство за време на разорниот земјотрес што ги погоди Турција и Сирија во понеделникот. Kако што вели, ова е нејзино прво искуство во животот со ваков земјотрес, а се надева оти е и последно. Баш во времето на првиот потрес, таа, заедно со осуммесечната ќерка и со сопругот заминала во посета на неговата фамилија која е од Дијарбекир.

– Часот беше 4.17 наутро. Ние бевме во стан на шести кат, и во моментот кога почна земјотресот, панично се разбудивме. Не бегавме, бидејќи нема каде од таа висина. Само почнавме да се молиме на Бога, баравме прошка за гревовите и чекавме кога ќе настапи смртта. Кога престана земјотресот бевме во шок затоа што преживеавме, му се заблагодаривме на Бога и веднаш излеговме надвор. Само што излеговме надвор, повторно почна да тресе. Со автомобил заминавме кај тетка на сопругот, бидејќи таа живее во куќа. Не е исто со зграда, побезбедно е таму, бидејќи е на приземје. Дијарбекир инаку не е трусно подрачје. Цела Турција е, меѓутоа овој град не е, затоа луѓето тука не знаат како да постапуваат во вакви ситуации, не се подготвени за вакви сценарија. Се чувствуваат земјотреси, но никогаш до овој степен. На улиците беше страшно. Од сите страни гледавме како се рушат куќи и згради, луѓе избезумени трчаа надвор. Едни плачеа за своите блиски што останаа под урнатините, други бараа помош. Глетката беше страшна. За сето тоа време земјата постојано се тресеше – раскажува Текин.

Видно вознемирена, Турчинката родум од Скопје раскажува дека вториот земјотрес бил уште пострашен затоа што траел дури две минути и за тоа време паниката се чувствувала насекаде.

– Сега веќе инженери проаѓаат насекаде, ги прегледуваат објектите кои не се срушиле, ја проверуваат нивната безбедност, бидејќи сите згради и куќи се напуштени. Дури откако ќе оценат експертите дали се безбедни, дури тогаш луѓето ќе можат да се вратат во своите домови – вели таа.

Телефонски броеви и сметки за донација за настраданите од земјотресот во Турција и Сирија: Да помогнеме!

Текин раскажува дека оваа ситуација ја покажала хуманоста на сите. Вели дека посебно е благодарна на Македонија и на македонскиот народ, кои несебично понудиле помош, а многумина и пристигнале таму за лично да помогнат.

Сега вели, луѓето се едно. Нема непријатели, сите дејствуваат заедно и несреќата ги поврзала.

– Сите сопственици на хотели, пекари и кафулиња ги отворија своите објекти. Бесплатно се јаде и пие кај нив, никој не печали во овие моменти. Сите објекти од ваков карактер се отворени и во нив примаат луѓе кои останаа на улица. Во нашиот град има и струја и вода, не знам како е за другите погодени. И кризните штабови делат храна за сите. Јас не земав, со семејството имаме покрив и парче леб. Нека има за тие што останаа без ништо – низ солзи раскажува таа.

Вели дека ја контактирале од Македонија. Најверојатно од Министерството за надворешни работи, од каде што ја прашале каква помош ѝ е потребна и дали сака да се врати назад во Скопје.

– Не можам да ја оставам фамилијата. Не сакам во овие тешки моменти да заминам. Тука е мајката на мојот сопруг, ќе останеме тука со нив, да им помогнеме да им се најдеме – вели таа.

Текин додава дека медиумите прават доста големи проблеми, бидејќи добар дел од нив објавуваат лажни вести кои дополнително ја влошуваат ситуацијата.

– Имаше објавено дека од пет до седум часот се очекува уште еден земјотрес. Тоа беше страшно. Луѓето во паника бегаа да се засолнат, се плашеа и постојано чекаа да почне тлото да се тресе. Не е хумано да се објавува така во вакви моменти – апелира Ава.

На прашањето како реагирала нејзината фамилија, родителите и блиските роднини на информациите во медиумите, вели дека тоа дополнително предизвикало стрес кај сите.

– Веднаш испратив порака до моите да им кажам дека ние сме добро, меѓутоа мрежата беше во прекин и пораката не се испрати. По некое време повторно се обидов да стапам во контакт и за среќа тогаш пораката им стигна. Им кажав да знаат дека сите сме добри, да не се плашат. Дома ќе се вратиме за неколку дена, иако „Туркиш ерлајнс“ и „Пегаз“ воведоа бесплатни летови за сите што сакаат да си заминат. Не успеавме да резервираме карта, па ќе заминеме неколку дена подоцна. Дотогаш ќе останеме тука со фамилијата – истакна Текин.

Таа вели дека од надлежните им било кажано да контактираат само со најблиските, да ги известат дека се добро и да не ги користат мобилните телефони за да не ја оптоваруваат мрежата, бидејќи токму со помош на телефоните, успеале да принајдат многу граѓани кои биле под урнатините.

– Вчера една жена со уште две лица беа извадени од под урнатините благодарение на телефонот. Испратила порака, им објаснила да бидат внимателни кога ќе расчистуваат, бидејќи имало голема шуплина на местото каде што биле заглавени. Луѓето оставија механизација и со раце ископуваа. За среќа ги спасија – посочува Текин.

Најсилниот од серијата земјотреси во Турција и во Сирија беше со јачина од 7,8 степени по Рихтер. Бројот на загинати во двете држави е близу 12 илјади според последните информации во светските медиуми.