Започна реконструкцијата на ЈЗУ Здравствен дом Скопје – Поликлиника „Идадија“, инвестиција вредна над 31 милион денари.
Со реконструкцијата објектот ќе добие современи енергетски ефикасни решенија, подобри услови за работа на медицинскиот персонал и поквалитетни услови за престој на пациентите.
Реконструкцијата опфаќа поставување нова термоизолациска фасада и кровна изолација, целосна замена на фасадната столарија, модернизација на системот за централно греење, поставување енергетски ефикасно ЛЕД осветлување, како и реконструкција на електроинсталацијата.
Договорот за грант помеѓу Здравствен Дом Скопје и Министерство за финансии беше потпишан во декември 2025 година по што беше спроведена постапка за јавна набавка и во март оваа година беше потпишан договорот со избраниот изведувач во вредност од 31.028.850 денари, по што започна реализацијата на градежните работи.
Поликлиниката „Идадија“, изградена во 1975 година, повеќе од четири децении функционираше со застарена инфраструктура – без соодветна термоизолација, со дотраена фасадна столарија, неефикасен систем за греење и застарено осветлување. Таквата состојба резултираше со висока потрошувачка на енергија и зголемени трошоци за функционирање и одржување на објектот.
