Сите 80 општини ќе добијат повеќе средства за инфраструктурни проекти со предложениот ребаланс на Буџетот за 2026 година. Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски порача дека Владата прави најголеми издвојувања за општините и дека парите се насочени кон подобрување на животот на граѓаните.
Јанкуловски ова го истакна во рамки на амандманската расправа за предлог-ребалансот на Буџетот за 2026 година во собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Тој рече дека буџетот е лимитирана и ограничена категорија во која треба да се задоволат најнеопходните потреби, но и развојната компонента што Владата се обврзала да ја реализира пред граѓаните.
„Оваа Влада историски прави најголеми издвојувања за општините, а за тоа е доказ овој ребаланс кој денес го разгледуваме во Комисијата за финансирање и буџет“, истакна Јанкуловски.
Заменик-министерот посочи дека постојано се работи на зголемување на издвојувањата од државниот буџет кон програмите на надлежните министерства. Тој ги наведе Министерството за транспорт, Министерството за животна средина и просторно планирање, а преку АА програмата за финансирање инфраструктурни проекти и Министерството за култура, Министерството за образование и Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Според Јанкуловски, со ребалансот за инфраструктурни проекти во сите 80 општини предвидените средства се зголемуваат од 2,6 милијарди денари на 4,2 милијарди денари.
„Со овој ребаланс за инфраструктурни проекти во општините, за сите 80 општини ги зголемуваме предвидените од 2,6 милијарди денари на 4,2 милијарди денари во корист на подобрување на животот на граѓаните“, рече Јанкуловски.
Тој додаде дека преку Министерството за транспорт и врски, со Проектот за локални патишта, сумата со ребалансот изнесува 566 милиони денари.
Исто така, преку Министерството за транспорт и врски, програмата со Проектот за олеснување на трговијата и транспортот се зголемува од 246 милиони денари на 620 милиони денари.
„Овие се бројки показатели на волјата на Владата не само на хартија, туку и на терен дека реализира и дека ќе реализира уште повеќе проекти“, посочи заменик-министерот.
Јанкуловски нагласи дека секое населено место е важно. Според него, приоритетите ги одредуваат општините, а врз основа на тоа аплицирале во рамки на програмата АА, преку локалната самоуправа и надлежните министерства.
