Дваесет и девет од 34 провинции во Авганистан се погодени од раселувањето, објави денеска Канцеларијата за координација на хуманитарни работи (ОЦХА).

Поради конфликтот раселени се најмалку 14.764 семејства, а 60 проценти од раселените се деца под 18 години. Според ОЦХА најголемо раселување е забележано во источните и североисточните провинции на Авганистан.

– Минатата година околу 400.000 луѓе беа внатрешно раселени поради конфликтот низ Авганистан, се истакнува во извештајот на ОЦХА.

Конфликтот меѓу талибанци и авганистанската Влада се интензивираше во изминатите месеци. Според податоци на авганистанската армија и на ОН, значително е зголемен бројот на напади од страна на талибанците и бројот на цивилни жртви.

По отпочнувањето на официјалното повлекување на трупите на САД и на НАТО на 1 мај, талибанците започнаа офанзиви во повеќе провинции, при што и милитантите и авганистанската Влада тврдат дека другата страна претрпела значителни загуби.