Пожар избувна вечерва во подземниот паркинг на трговскиот центар КАМ мол во скопската населба Ѓорче Петров. Веднаш по појавата на чадот и огнот, надлежните служби спроведоа итна евакуација на сите присутни посетители од внатрешноста на трговскиот центар.
Според сведоштвата на очевидци од местото на настанот, полициски службеници асистираат во безбедносното извлекување на возилата, кои едно по едно го напуштаат подземниот паркинг. На самите возила се забележуваат траги од чад, а густ чад се шири и низ вентилацискиот систем на целиот деловен објект.
На терен се присутни бројни полициски екипи и припадници на противпожарната единица кои работат на локализирање на состојбата. Пред трговскиот центар во моментов се наоѓаат голем број загрижени граѓани кои го следат развојот на настаните.
Засега нема официјални информации од институциите за точните причини што довеле до избувнувањето на пожарот, ниту пак известувања дали има евентуално повредени лица при инцидентот.
