Македонски државјани кои се наоѓаат на подрачјата зафатени со пожарите на Халкидики телефонски се обратиле во македонското дипломатско-конзуларно претставништво во Солун за информации и насоки. Засега нема официјален податок колку македонски државјани биле евакуирани, бидејќи грчките институции сè уште немаат доставено таква информација до македонските власти.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија за МИА информираат дека на македонските државјани кои се јавиле во претставништвото им биле пренесени упатствата и насоките издадени од надлежните грчки власти.
„Македонски државјани телефонски се обратиле до претставништвото за информации, при што им биле пренесени упатствата и насоките издадени од надлежните грчки власти“, информираат од Министерството.
МНРиНТ преку дипломатско-конзуларното претставништво во Солун внимателно го следи развојот на ситуацијата и состојбата со македонските државјани во погодените подрачја. Министерството засега нема официјална информација од грчките институции за бројот на евакуирани македонски државјани.
За дополнителни информации и итна помош, македонските граѓани можат да го контактираат дежурниот телефонски број на Министерството +389 75 268 736 и електронската адреса globalsos@mfa.gov.mk. На располагање се и дежурните телефони на Конзулатот на Република Северна Македонија во Солун: +30 694 526 8068 и +389 71 323 001.
Од Министерството апелираат до македонските државјани кои се наоѓаат во засегнатите подрачја внимателно да ја следат состојбата и да ги почитуваат сите упатства и насоки на надлежните локални власти.
