Пожарот што во понеделникот попладне избувна во атарот на прилепското село Чаниште, во прилепскиот дел од Мариово, сè уште е активен. Сепак, во моментов не се загрозени ниту Чаниште, ниту некое од околните села. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, вели дека екипите имаат воспоставено добра одбрана и дека повеќето огнени краци се пресечени.

Ангелов преку видеоизјава посочи дека пред селото Крушевица е поставена одбранбена линија и дека во моментов нема активен крак што се движи кон селото.

„Пожарот што во понеделникот попладне избувна во атарот на прилепското село Чаниште во прилепскиот дел од Мариово сѐ уште е активен, но во овој момент не го загрозува селото Чаниште ниту, пак, загрозува друго село затоа што пред селото Крушевица, кое е наредното село зад мене, е поставена добра одбрана и не очекувам дека воопшто огнот ќе стигне до ова село, но и во случај доколку дојде, тој ќе биде сопрен затоа што во текот на ноќта го пресековме неколкупати. Во овој момент нема активен крак што се движи кон селото Крушевица, што не значи дека состојбата нема да се смени“, вели директорот на ДЗС.

Во битолското село Орле, според Ангелов, има еден крак со кој се борат битолските пожарникари. Таму е ангажиран и тежок булдожер, кој прави противпожарен пресек.

Од страната на Чаниште и Крушевица интервенираат прилепските пожарникари, со поддршка на специјалните тимови на Дирекцијата. На терен се огнените тимови со четири „пинцгауери“, како и повеќе тимови на Дирекцијата составени од доброволни пожарникари од Битола, Кочани и Виница.

„Од оваа страна, од страната на Чаниште и Крушевица, работат прилепските пожарникари со поддршка на специјалните тимови на Дирекцијата – огнените тимови со четири „пинцгауери“, како и повеќе тимови на Дирекцијата составени од доброволни пожарникари од Битола, Кочани и Виница, кои исто така дадоа извонредни резултати. Повеќето од краците се испресечени. Ако линијата беше можеби повеќе од 20 километри, сега таа е прекината. Како што може да се види зад мене, имаме на едно место столб, на друго место, но немаме непрекината линија на горење. Голема работа ни заврши полицискиот хеликоптер, кој помогна да изгаснеме дел од сртот на кој не успеавме да поминеме со „пинцгауерите“, така што генерално состојбата е стабилна, што не значи дека не може да се влоши во кој било момент“, нагласи тој.

Ангелов посочи дека Дирекцијата има контрола во однос на загрозеноста на населените места. Досега биле одбранети неколку манастири, неколку трла и еден пчеларник, иако, како што вели, екипите не успеваат да стасаат насекаде.

„Одбранивме неколку манастири, неколку трла, еден пчеларник, но не успеваме насекаде да стасаме. Во селото зад мене не е изгорена ниедна куќа во која живеат луѓе. Огнот зафати повеќе стари и напуштени куќи, можеби пред 50 или пред 30 години. Проверуваме дали е изгорена куќа што некој ја користел повремено, во смисла викендичка. Но, дополнително ќе ги добиеме тие информации. Овде беше и градоначалникот на општина Прилеп. Доколку на локалното население му е потребна поддршка, Општината стои на располагање. Воедно, Општината дава логистика на сите сили што учествуваат во гаснењето на овој пожар“, вели тој.

Директорот на ДЗС информира дека на терен дејствуваат и трите „ер трактори“ на Дирекцијата. Тој верува дека со нивна помош ќе биде прекината една од линиите на огнот.

Гаснењето на пожарот ќе продолжи и во текот на утрешниот ден, со примарна цел целосна одбрана на сите населени места.
Ангелов воедно апелираше до сопствениците на куќи и викендички во полунапуштените села задолжително да ги изораат или ископаат дворовите. На тој начин, како што посочи, ќе се создаде земјен заштитен појас без вегетација, бидејќи земјата не гори.