Изгорени ридови, пеплосана вегетација и мирис на чад. Ваков пустош остави зад себе големиот пожар што вчера попладне ги зафати ридовите над Штип. Брзата интервенција на надлежните, која траеше до доцна во ноќта, спречи поголема катастрофа. Огнената стихија беше целосно локализирана, а за среќа нема повредени ниту материјална штета врз имотите на граѓаните. Пламените јазици, кои во еден момент почнаа да се приближуваат кон населбите Ново Село и Кадидере, достигнаа височина од неколку метри и можеа да се видат од речиси сите делови на градот.
„Вчера, некаде околу 17:30 часот, добивме дојава дека од удар на гром е запалена трева. Веднаш реагиравме со едно возило и тројца пожарникари. Кога пристигнавме на местото, видовме дека пожарот се развива во големи размери, па повикавме дополнителна помош. Дојдоа уште четири возила и 15 пожарникари“, изјави заменик-командирот на ТППЕ Штип, Дарко Коцев.
Ситуацијата стана крајно драматична кога ветрот го промени правецот на движење и пламените јазици неконтролирано почнаа да се движат кон населените места. Според првичната проценка, огнената линија беше долга околу пет километри, а со механизација се правеа заштитни појаси за да се запре ширењето на пожарот. Состојбата на терен ја следеше и координираше градоначалникот на Штип, кој доцна синоќа, на вонредна прес-конференција, порача дека нема место за паника бидејќи пожарот е под контрола.
„Искомуницирав со моите колеги од Кавадарци и Свети Николе, така што очекувам во текот на ноќта да имаме дополнителна поддршка од луѓе и механизација. Јавните претпријатија се вклучија со градежна механизација. Сметам дека нема простор за паника, затоа што се ангажирани сите логистички капацитети“, изјави градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.
Подготвеност за помош изразија и соседните општини, а во гаснењето на пожарот беше вклучено и Доброволното противпожарно друштво.
„Веднаш се приклучивме во гаснењето на пожарот. Во акцијата учествуваа 12 доброволци кои со своите автомобили и четирицикли се бореа со пламените јазици“, изјави Горан Младеновски од Доброволното противпожарно друштво – Штип.
Со овој пожар практично и неофицијално започна сезоната на пожари на отворен простор, поради што надлежните апелираат на зголемена внимателност и навремено пријавување на секој забележан оган.
Извор: Алфа
