Замена поради позитивен допинг-тест

Македонскиот олимписки комитет (МОК) информира дека Националната анти-допинг организација (НАДО МКД) потврди позитивен допинг-тест кај еден од спортистите во алпско скијање за претстојните Зимски олимписки игри во Милано.

„Врз основа на официјалниот извештај (Test Report) пристигнат од акредитираната лабораторија во Seibersdorf, Австрија, во еден од двата примероци утврдено е присуство на забранети средства кај спортистот во алпско скијање. Како резултат на строго и прецизно пропишаната процедура на WADA, до конечна потврда на наодот, процедурите предвидуваат временa суспензија на спортистот и се активира механизмот на замена од претходно утврдената листа на потенцијални кандидати („long list“). Согласно овој официјален систем на рангирање, следен спортист со исполнета олимписка квота е Виктор Петков, кој по процедурален пат станува дел од официјалната делегација“, соопшти МОК.

Делегацијата за Милано

Спортистот Мирко Лазарески е оној кој добил позитивен тест и нема да може да настапи на претстојните Зимски олимписки игри. Со замена на Петков, Македонија ќе ја претставуваат уште Ставре Јада, Ана Цветановска и Јана Атанасовска.

МОК нагласува дека целата постапка е спроведена согласно законската процедура и правилата на WADA, со цел зачувување на правото на објективно и вистинито информирање на јавноста.