Семејна драма прерасна во трагедија
Прилеп го потресе тешка семејна трагедија, откако три лица – татко, неговиот 13-годишен син и 62-годишен роднина беа пронајдени мртви со повреди од огнено оружје во куќа во центарот на градот. Министерството за внатрешни работи го потврди инцидентот како сериозен безбедносен настан, во кој врз полициски службеници било фрлено и експлозивно средство.
Пријавата ја активирала акцијата
Настанот започнал во саботата околу 21:20 часот, кога 43-годишната К.Ч. пријавила во ОВР Прилеп дека нејзиниот сопруг П.Ч. (43) и нивниот малолетен син се оддалечиле од домот, со сомнеж дека заминале кај роднината П.Ѓ. (62). Полицијата веднаш реагирала и се упатила на наведената адреса, но вратата од куќата не била отворена.
КРВАВА НОЌ ВО ПРИЛЕП, ТРОЈЦА МРТВИ: Ги убил внукот и неговиот 11-годишен правук, па се самоубил
По налог од јавен обвинител, полициските службеници ја отвориле вратата со сила. Во моментот на влегување, едно лице фрлило рачна бомба кон полицајците. Иако бомбата почнала да чади, таа не експлодирала. Потоа, од внатрешноста на објектот било пукано кон службениците, кои возвратиле со огнено оружје.
Смртта потврдена по полноќ
Итната медицинска помош пристигнала на местото на настанот во 01:35 часот по полноќ. Лекарите потврдиле дека тројцата, таткото, детето и роднината се починати. Министерството за внатрешни работи информира дека се преземаат сите мерки за целосно расчистување на случајот, а увидот на лице место бил извршен во координација со јавен обвинител.