Собранието ги усвои измените на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир
Со 87 гласа „за“, без гласови против и без воздржани, Собранието го поддржа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците против јавниот ред и мир. Законот беше предложен од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и усвоен по скратена постапка. Со ова, се забранува пиротехника во затворен простор, а доколку има следуваат драконски казни.
Промени поттикнати од трагедијата во Кочани
Измените се резултат на трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март, во која загинаа 59 млади лица, а околу 200 беа повредени. Пратеникот Тони Јаревски изјави дека измените се неопходни за да се спречат слични несреќи во иднина.
Со новите измени:
Се забранува користење на експлозивни материи и пиротехнички средства во затворени простории.
Се зголемуваат глобите за прекршителите, а за повторен прекршок се предвидува притвор.
Полицијата добива зголемени надлежности за превенција и постапување во случај на нарушување на јавниот ред и мир.
Паралелно, Министерството за внатрешни работи работи на нов Закон за експлозивни материи за цивилна употреба, со кој детално ќе се регулира оваа област.
Други предлог-закони не беа прифатени
На истата седница, не беа прифатени два предлога на Левица:
Продолжување на породилното отсуство од 9 на 18 месеци. Според пратеникот Амар Мециновиќ, ова би помогнало во справувањето со демографската криза.
Законска обврска платите во државата да се исплаќаат најдоцна до 5-ти во месецот.
И двата предлога беа одбиени од мнозинството.