Зајакнувањето на системот за правда за децата беше во фокусот на работната средба меѓу министерот за правда Јетон Шасивари и претставничката на УНИЦЕФ Лесли Милер. На средбата биле разгледани прашања поврзани со примената на Законот за правда за децата и натамошното унапредување на системот.
Како што соопшти Министерството за правда, било истакнато дека најдобриот интерес на детето останува главен приоритет, согласно Конвенцијата за правата на детето.
Особено внимание било посветено на имплементацијата на Законот за правда за децата и на потребата од континуирано зајакнување на капацитетите на сите субјекти вклучени во системот за правда за децата.
„Новиот закон ја нагласува потребата од специјализација на професионалците кои работат со деца, поради што од особено значење е продолжувањето на обуките за правните професионалци за соодветен третман и заштита на децата – жртви или сведоци на насилство и криминал, како и за примена на пристапите на ресторативната правда. Подзаконските акти се уште еден важен чекор во практичната имплементација на Законот, бидејќи обезбедуваат јасни процедури, стандарди и алатки за доследно спроведување на неговите принципи“, соопшти Министерството за правда.
Соговорниците се согласиле дека секое дете треба да има правосуден систем кој ги препознава неговите потреби, ги штити неговите права и обезбедува реален и еднаков пристап до правда.
„Министерството за правда останува посветено на унапредувањето на системот за правда за децата и на создавањето институционални услови во кои правата на секое дете ќе бидат целосно почитувани и заштитени“, порачаа од Министерството.
