Министерството за внатрешни работи предупредува на нова појава на фишинг измами преку лажни СМС и електронски пораки, веб-страници, мобилни апликации и пораки на социјалните мрежи. Во пораките, кои наводно се испратени од Одделот за моторни возила и системот „Безбеден град“, граѓаните се известуваат за наводен сообраќаен прекршок и се упатуваат на лажен линк за плаќање.

МВР: Не внесувајте лични и банкарски податоци

Од МВР апелираат граѓаните да не отвораат сомнителни линкови и да не споделуваат лични податоци, броеви на банкарски картички, лозинки или лични идентификатори преку неовластени канали. Се препорачува да се проверува адресата на испраќачот, бидејќи официјалните институции и компании користат службени домени, како и да се користи двофакторска автентикација за дополнителна заштита на сметките.

Како да ја препознаете вистинската порака

Од Министерството посочуваат дека СМС известувањата за направен прекршок треба да бидат испратени од испраќачот „MVR-SC“. Пораката задолжително треба да содржи регистарска ознака на возилото со кое е направен прекршокот, како и линк во формат „https://safecountry.mvr.gov.mk…“.

Секторот за компјутерски криминал при МВР продолжува со активни истраги и преземање мерки за откривање и санкционирање на сторителите на ваков вид измами.