Правдата повторно затропа на адреса на полициските службеници вработени во Министерството за внатрешни работи. Ова го напиша директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, еден месец од трагичниот пожар во Кочани.
Во текот на вчерашниот ден, поднесена е четврта кривична пријава против седум полициски службеници. Осомничени за нивната поврзаност со трагедијата која однесе 61 жртва и остави над 200 повредени.
Јанев изјави дека истрагата продолжува со цел да се откријат сите одговорни. Тоа се прави без разлика на нивниот статус или позиција во јавната служба.
„Никој нема да биде поштеден ниту заштитен, без разлика на статусот, институцијата од која доаѓа или функцијата која ја извршува. Правдата мора да ја достигне секоја одговорност,“ напиша Јанев на својот профил на Фејсбук.
До сега, одговорност и сомнежи за поврзаност со трагичниот настан се утврдени кај 59 физички и 3 правни лица, вклучувајќи и полициски службеници од Министерството за внатрешни работи. Директорот на БЈБ истакна дека продолжуваат со темелна истрага која има за цел да открие сите причини и одговорности што довеле до пожарот, како и да се спречи повторување на вакви трагедии во иднина.
„Македонија заслужува силен, транспарентен и одговорен систем кој ќе ја почитува правдата и ќе гарантира безбедност за секој граѓанин,“ изјави Јанев, додавајќи дека сите капацитети на Бирото за јавна безбедност се вложени во расчистување на случајот и изградба на поефикасен систем.