Дерби натпреварот меѓу Шкендија и Вардар од 11. коло во Првата македонска фудбалска лига, што се одигра во Гостивар, бил одлично суден со правилни одлуки во сите предизвикувачки моменти. Ова официјално го соопштија од Фудбалската федерација на Македонија преку јавен став за арбитражата.

Во текот на средбата беа забележани неколку специфични ситуации кои бараа особено внимание и прецизна координација меѓу главните судии на теренот и судиите сместени во ВАР собата. Клучните моменти се случија при акцијата на Шкендија во 30. минута, како и во финишот на мечот, односно во 89. и 93. минута кога Вардар постигна погодок. Во сите тие моменти беа донесени три исправни ВАР одлуки, целосно усогласени со Правилата на фудбалската игра и официјалниот протокол.

„Судиите на теренот и ВАР-судиите покажаа одлична координација, добра процена и доследна примена на правилата во сите три ситуации. И покрај обидите за поинакво прикажување на судењето, остануваме цврсто посветени на регуларноста на натпреварувањето, со доследно почитување на Правилата на фудбалската игра и ВАР протоколот. Објективното вреднување на судиските одлуки мора да се темели на фактите, правилата и конкретните ситуации од натпреварот“, стои во официјалното соопштение на Федерацијата.

Со оваа реакција раководството на македонскиот фудбал стави точка на полемиките околу регуларноста на судиските одлуки донесени на големото дерби.