Над 1,8 милиони граѓани со право на глас
Локалните избори 2025 во Македонија започнаа утрово во 7:00 часот и ќе траат до 19:00 часот. Право на глас имаат 1.832.415 граѓани, меѓу кои 112 илјади лица запишани во посебниот Избирачки список за гласање во странство, 2.162 лица кои се наоѓаат во затвори или во притвор, како и 450 гласачи од домовите за стари лица.
Во рамките на изборниот процес, се гласа во сите 80 општини и во Град Скопје, на вкупно 3.474 избирачки места низ државата.
Кандидати и постапка по завршување на гласањето
На овие избори се натпреваруваат 309 кандидати за градоначалници и 576 листи за членови на општинските совети, со вкупно 10.490 кандидати.
Гласањето трае непрекинато до 19:00 часот. Ако гласањето на некое избирачко место биде прекинато повеќе од еден час, продолжува за онолку време колку што траел прекинот, но најмногу до три часа. По затворањето, избирачките одбори ги предаваат записниците и целиот изборен материјал до општинските изборни комисии во рок од пет часа.
Изборниот материјал го доставува претседателот на избирачкиот одбор, во придружба на заинтересирани членови, претставници на листите и полициски службеници, доколку е потребно.