Македонската православна црква и православните верници денес го одбележуваат големиот христијански празник Преображение Господово, посветен на Христовото Преображение на Таворската гора.

Според народната традиција, на овој ден за првпат се јаде грозје, откако претходно ќе биде благословено од свештеник. Во многу краеви на Македонија, домаќинките подготвуваат и наутлија – обреден леб замесен со маја од наут, кој се смета за симбол на здравје, благосостојба и бериќет во домот.

Според Светото Евангелие, во третата година од Својата проповед, Господ Исус Христос ги зел со Себе апостолите Петар, Јаков и Јован и се искачил на Таворската гора. Таму, додека се молел, се преобразил пред нив – лицето Му заблескало како сонце, а облеката Му станала бела како снег. Покрај Него се јавиле старозаветните пророци Мојсеј и Илија, а од небото се слушнал гласот: „Овој е Мојот возљубен Син, Него послушајте Го.“

Црквата учи дека ова чудесно Преображение било откровение на Христовата божествена природа и подготовка на учениците за Неговите претстојни страдања, за тие да останат цврсти во верата и да ја разберат славата на Неговото Воскресение.

Празникот Преображение Господово има особено место во православната традиција, бидејќи ја симболизира духовната преобразба на човекот и повикот кон живот исполнет со вера, љубов и добри дела.

Според православниот календар, денес е постен ден, но е дозволено да се јаде риба.