Францускиот претседател Емануел Макрон ги осуди насилните протести во земјата и вети брзи и транспарентни истраги за полициските акции. Во телевизиско обраќање до нацијата рече дека Франција чувствува „гнев и срам“ по немирите во кои стотици лица беа повредени, а многу објекти оштетени. За денеска најави кризен штаб предводен од премиерот Себастијан Лекорну.
„Ви се обраќам вечерва во исклучително сериозен момент. Во саботата, бандити од крајно левичарски групи, придружени од бројни криминалци, ограбија продавници и уништија јавни згради“, рече Макрон на почетокот на обраќањето.
Тој праша како дошло до палењето на градското собрание во Лимож и порача дека за таквото насилство нема оправдување.
„Зошто да се запали градското собрание во Лимож? Како можеа да одат толку далеку? Ништо не го објаснува тоа, ништо не го оправдува“, рече францускиот претседател.
Макрон изјави дека полициските сили, и покрај нивната професионалност, биле изложени на невидено насилство во неколку градови и во повеќе наврати. Тој рече дека побарал од Владата да ја анализира разузнавачката работа и најави целосна транспарентност.
„Истрагите ќе се спроведуваат со најголема можна решителност, што е можно побрзо“, нагласи Макрон.
Тој додаде дека судиите „ја спроведуваат правдата во ваше име и знаат што очекувате од нив“, а порача и дека одговорните за уништувањето и грабежите ќе мора да се соочат со последиците.
„Оние што уништуваа мора да платат, оние што ограбија мора да надоместат, а оние што се обидоа да ја соборат Републиката ќе мора да одговорат за тоа“, рече претседателот.
Премиерот Себастијан Лекорну утре ќе свика кризен штаб, објави Макрон. Според него, целта е да се обезбедат итна помош и поддршка за луѓето погодени од протестите.
Претседателот се осврна и на загриженоста на младите за нивната иднина и можностите да го најдат своето место во општеството. Тој рече дека ги разбира средношколците и студентите и дека нивниот глас треба да се слушне, но истакна дека мора да се зачува републиканскиот поредок.
„Имаме двојна одговорност: да го слушнеме нивниот гнев, но и решително да обезбедиме почитување на републиканскиот поредок“, рече Макрон. Тој додаде дека префектите би можеле да забранат одредени собири и ги повика политичките партии недвосмислено да го осудат насилството.
„На земјата ѝ треба ред и мир, а не понатамошна ескалација. Не можеме да бараме од младите да веруваат во иднината ако не седнеме и не разговараме“, порача тој.
Макрон најави дека пратениците и локалните власти оваа недела ќе работат на конкретни решенија. Истовремено, рече дека властите ќе бидат бескомпромисни кон оние што уништуваат и дека дијалогот не значи слабост.
Тој порача дека разговорите треба да се водат со политичките партии, а не на улица и преку насилство.
„Тие мора да се водат со меѓусебно почитување, никогаш во неред и уништување. Нашата земја заслужува достоинствена претседателска кампања за шест месеци“, рече Макрон.
Во обраќањето тој соопшти и дека започнал меѓународни иницијативи за да се обезбеди снабдувањето со енергија на Франција. Според него, тие напори треба да се одразат врз цените, а граѓаните очекуваат конкретни резултати.
Макрон потврди дека утре ќе патува во земјите од Персискиот Залив на разговори за поскапувањето на горивата. Тој рече дека растот на цените е поврзан со војната на САД со Иран, која влијаела врз трошоците за живот во Франција.
„Луѓето со право веруваат дека цената на горивото е превисока. Цената се зголеми поради она што се случува во Персискиот Залив. Тоа е војна во која Франција не учествуваше“, рече францускиот претседател.
За време на протестите во неделата, организирани против високите трошоци за живот и лошите услови во училиштата, биле уапсени најмалку 1.800 лица.
