Според календарот на Македонската православна црква, верниците денеска го одбележуваат споменот на Свети Јован Златоуст, патријарх Цариградски. Тој е роден во Антиохија во 354 година, во семејството на војводата Секунд и мајката Антуса. Изучувајќи ја грчката философија, Јован се оддалечил од незнабоштвото и ја примил христијанската вера како единствена и целосна вистина.
Крштение примил од Мелетиј, патријархот Антиохиски, а по неговиот пример христијанството го прифатиле и неговите родители. По нивната смрт, Јован се замонашил и започнал строг подвижнички живот, период во кој ја напишал познатата книга „За свештенството“. Во тој период му се јавиле светите апостоли Петар и Јован, прорекувајќи му голема служба, благодат, но и страдање. При ракополагањето за свештеник од патријархот Флавијан, присутните сведочеле за бел гулаб над неговата глава.
Поради неговата мудрост и говорнички дар, царот Аркадиј го избрал за патријарх Цариградски, служба која ја извршувал шест години со голема ревност. Тој испратил мисионери кај Келтите и Скитите, ја искоренувал симонијата и ја проширил добротворната дејност на Црквата. Напишал чин на Светата Литургија, ги толкувал светите списи и оставил зад себе драгоцени беседи, но поради отвореното изобличување на царицата Евдоксија бил двапати испратен во прогонство. Се упокоил на Крстовден во 407 година во ерменското место Коман, изговарајќи ги последните зборови: „Слава Му на Бога за сѐ!“ Неговата глава почива во Успенскиот храм во Москва, а телото во Ватикан во Рим.
На овој ден Црквата им оддава почит и на светите маченици Антонин, Никифор, Герман и Манета, кои настрадале за време на прогоните во Кесарија Палестинска во 308 година. Првите тројца јавно го исповедале христијанството за време на пагански празник, по што им биле отсечени главите, додека девицата Манета била запалена откако доброволно ги следела до губилиштето. Денеска се чествува и споменот на преподобниот маченик Дамаскин, кој по покајанието на Света Гора, во 1681 година бил погубен во Цариград поради јавно исповедање на христијанската вера.
