Предметот за Законот за употреба на јазиците ќе биде решен следната година, најави претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски. Тој порача дека нема место за стравови и дека постапката нема за цел „давање или одземање“ права, туку усогласување на законот со Уставот.
Костадиновски, одговарајќи на новинарски прашања на годишната прес-конференција, изјави дека процесот бил следен од, како што рече, „неверојатен сплет на околности“, поради што две подготвителни седници биле одложени од објективни причини.
– Едната се погоди два-три дена по трагедијата во Кочани, другата во околности кога Управниот суд со своја одлука, на некој начин ни го отстрани судијата известител по тој предмет. Во такви околности се постапува по Актот на судот. Во такви околности предметот оди кај друг судија известител, тој има рок од 6 месеци. Рокот истече минатиот месец, судијата известител побара уште еден месец за да го доработи. Моето очекување е дека ќе го добијам во текот на јануари и штом ќе го добијам на работен состанок ќе го поставам прашањето дали ќе продолжиме со подготвителна седница. Јас лично ќе се залагам за подготвителна, но дека тој предмет ќе биде решен следната година, ќе биде решен – изјави Костадиновски.
Тој нагласи дека сензитивноста на предметот не се губи со текот на времето.
– Овој предмет беше сензитивен кога беше поднесен пред шест години, сензитивен е и денес и ќе биде сензитивен и во 2030 и во 2040 година – рече Костадиновски.
Претседателот на Уставниот суд потенцираше дека одлуките на Судот не треба да се доживуваат како закана, туку како механизам за враќање на уставноста.
– Наша должност е да одговориме и ние како Уставен суд, кога одлучуваме никој не треба да гледа на нашите одлуки како на некоја закана или на некакво давање или одземање права. На нашите одлуки сите државни органи треба да гледаат како пријател, да ја вратиме состојбата на уставност, да укажеме каде има неусогласеност со Уставот, таа неусогласеност пратениците да ја преточат во законски решенија. Зашто, крајниот резултат од тоа, е дека од таков закон усогласен со Уставот бенефит ќе имаат граѓаните. Ќе имаат подобар закон од тој што е оспорен. Не се однесува ова само на Законот за употреба на јазиците, туку на било кој закон – изјави Костадиновски.
Во врска со одлуката на Управниот суд, со која беше поништен изборот на судијката известител за предметот, Костадиновски изјави дека времето кога е донесена одлуката отвора сомнежи.
– Во поглед на материјалното право и суштината на пресудата нема да коментирам. Јавно го имам кажано мојот став дека мора да постои судска инстанца што ќе ги оценува конкретните поединечни акти на државните органи во таа сфера, зошто обратното би нèсвело на султанат. Јас имам искажано сомнеж и затоа го нарекувам чуден сплет на околности и затоа го повикав законодавецот пред пет-шест месеци веднаш да ја поправи таа законска празнина – изјави Костадиновски.
Управниот суд во мај го поништи изборот на уставната судијка Елизабета Дуковска поради неправилности во постапката, две години по нејзиниот избор.
