На амбасадорот на Македонија во Прага, Сашко Тодоровски, му е скратен мандатот и тој е вратен во Македонија.

Ова го соопшти шефот на дипломатијата Бујар Османи на онлајн брифинг со новинарите, наведувајќи ги слабостите во работата како причина за оваа одлука.

„Имало констатирани нерегуларности во неговата работа, нефункционалност, лажно претставување на сопругата како културно аташе, непочитување на инструкциите од страна на МНР, и тоа е подолг процес. Процедурата за неговото враќање трае повеќе месеци“, рече Османи.

Сашко Тодоровски беше вратен и од Стразбур, додека беше шеф на мисијата во Советот на Европа, а тој потег беше дочекан како обид на тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ да ги замолчи критиките.

Инаку, негова сопруга е Мирјана Најчевска, екс претседателка на Хелшинскиот комитет, која е чест и остар критичар на власта, и на оваа, и на претходните. Тодоровски пак беше претседател на синдикатот на МНР пред да се поделат на два, по партиска линија и важеше за наклонет на СДСМ.На функцијата во Прага беше од март 2021 година.