Ангажманот на Гоце Делчев остава белег на многу полиња од нашето денешно живеење и е трајно вграден во колективната меморија на македонскиот народ, посочи денеска проф. д-р Катерина Тодороска од Институтот на национална историја, за време на промоцијата на зборникот „150 години од раѓањето на Гоце Делчев“. Излегувањето на зборникот, како што појасни е резултат на заедничките напори на сите оние кои сметаа и сметаат дека делото на Гоце треба да се почитува и активно да живее меѓу Македонците.

Тодоровска рече дека зборникот „150 години од раѓањето на Гоце Делчев“ е зборник на трудови од истоимената научна конференција одржана на 3 и 4 мај 2022 година, и има исклучително куса, но исклучително богата историја.

Зборникот, како што рече, е богат со оригинални трудови во кои се презентирани најновите сознанија на авторите во врска со ликот, делото, споменот на Гоце Делчев.

-Зборникот изобилува не само со новооткриени факти, туку во него се застапени и трудови во кои се применуваат и нови единствени пристапи бидејќи се задржуваат на досега неразработени теми. За ова говори и фактот што во него се застапени трудови на историчари, јазичари, музеолози, политиколози, практичари од образовниот систем. На пример, тезите дека Гоце припаѓал на бугарската историја се коси со вистината, кога темелно ќе се осознае голготата и желбата на неговите соборници, неговите мошти да почиваат во главниот град на македонската држава. Бројни се аргументите кои во овој зборник ќе ја покажат бесцелноста на одработувачите на туѓите интереси, да му се откорнат корените на Гоце Делчев од Егејска Македонија, напомена Тодоровска.

Таа додаде дека епохата во која живеел и дејствувал Гоце Делчев е обработена во голем број историски трудови од македонски и од странски автори посветени на Македонија, на македонското прашање, на македонскиот јазик, на македонското револуционерно движење.

-Денес кога се навршуваат 120 години од погубијата на Гоце Делчев, ние говориме и за 150-годишнината од неговото раѓање, што ја чествувавме минатата година. Ние, како горди потомци на Гоце, на најдостоинствен начин му се оддолжуваме за жртвата што ја дал за нас и за нашата слобода, за нашата македонска држава. На тој начин, се редиме во редот на сите оние кои со децении го истражувале, пишувале и ги овековечувале ликот и делото на Делчев, додаде Тодоровска.

На новинарско прашање што се случува кога Делчев е се уште „камен“ на сопнување во разговорите на историчарите со соседна Бугарија, проф. д-р Тодоровска рече дека не станува збор за разговор меѓу историчарите, туку меѓу шестмина избрани и избрани од другата страна.

-Тоа не е разговор меѓу историчарите, туку меѓу шестмина избрани и избрани од другата страна. Од нашата страна, кога ќе го видите составот на Комисијата ќе ви стане јасно дека таму нема луѓе кои што го имаат капацитетот за да разговараат со оние луѓе кои што се од другата страна. Од другата страна, политиката си го направи своето. Тоа е само политичка Комисија која треба да одработи или да биде „маша“. Нема потреба од оваа Комисија, додаде Тодоровска.

Претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев за време на промоцијата на зборникот рече дека научно-истражувачката дејност во Македонија е целосно маргинализирана и сведена под неопходниот минимум.

-На Македонија денес науката и е потребна повеќе кога било барем од две причини. Прво, еднаш и засекогаш треба да се обединиме во целост околу научните факти, признаени од светската наука, со кои се потврдува дека македонскиот народ и неговиот историски јазичен, културен и религиски континуитет се автохтони категории. Второ македонскиот национален супстрат го претставуваат Македонците што живеат во државата Македонија, но и оние во соседството како државјани на соседните земји вклучувајќи ги тука и Грција, и Бугарија, и Албанија, како и низ целиот свет, рече Коцарев.

Според Коцарев, појавата на квазинаучни трудови, трудови што се целосно плагијати, купени магистерски и докторски тези, сведочи дека во Македонија одамна се избришани мериторните правила според кои се цени објективниот квалитет, а секторот наука е системски планирано и намерно уништуван од независноста до денес.

-Секој добар мајстор има право на џиџе, дури и во зло доба кога лошотијата ги надвисоа Кајмакчалан со Ниџе, ова се зборови на Блаже Конески. Зборот „џиџе“ тука е употребен со значењето„ убава работа“. Така во морето на неукост и ароганција, дивеење и лошотија за што сме сведоци, катадневно имаме една убава книга Зборникот „150 години од раѓањето на Гоце Делчев“ па затоа би сакал да изразам голема благодарност на проф. Катарина Тодоровска, претседател на Уредувачкиот одбор без чија упорност, укост и искреност ниту настанот во чест на јубилејот 150 години од раѓањето на Гоце Делчев што се одржа минатата година ниту овој Зборник ќе видеа бел ден, додаде Коцарев.