Високи претставници на САД и Иран денеска ги почнаа разговорите во швајцарското одморалиште Бургеншток, во обид да се постигне долгорочен мировен договор и конечно решение за иранската нуклеарна програма.
Американската делегација ја предводи потпретседателот Џеј Ди Венс, додека од иранска страна учествуваат високи државни претставници и членови на преговарачкиот тим. Средбата се одржува само неколку дена по потпишувањето на рамковниот меморандум меѓу Вашингтон и Техеран, со кој се предвидува во рок од 60 дена да биде постигнат конечен договор за нуклеарната програма на Иран и за регионалната безбедност.
Преговорите, сепак, почнуваат во дополнително усложнети околности, по новите судири меѓу израелските сили и Хезболах во Либан, и покрај претходно договореното примирје.
Американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека САД би можеле повторно силно да реагираат доколку Иран не влијае врз своите сојузници во Либан.
„Ако Иран веднаш не ги запре своите сојузници во Либан, ќе возвратиме многу силно“, порача Трамп.
Во меѓувреме, иранските власти остануваат на ставот дека Хормускиот Теснец ќе биде затворен за поморски сообраќај сè додека не бидат исполнети условите од договорот и не престанат, како што тврдат, прекршувањата на примирјето во Либан.
Началникот на Генералштабот на израелската армија, Ејал Замир, оцени дека примирјето е „многу кревко“ и предупреди дека армијата мора да остане во висока борбена готовност поради можноста од нова ескалација.
Дополнителен проблем предизвикаа и засилените безбедносни мерки во Швајцарија, поради кои беше нарушен дел од воздушниот сообраќај на аеродромот во Цирих.
Исходот од разговорите во наредните денови ќе биде внимателно следен од светските пазари, бидејќи евентуален договор би можел да влијае врз цените на нафтата, поморскиот транспорт и безбедносната состојба на Блискиот Исток.
